06
мар. 2018
Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито кое ќе одлучи за добитниците на наградите, за чии потреби МИТ Универзитет ги отстапи своите простории. Членови во жирито се исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија.
Жирито има задача да ги анализира и ги одбере најдобрите од пристигнатите стории од отворениот конкурс кој беше објавен неодамна и беше наменет за новинари кои се занимаваат со новинарство „одоздола“. Тоа се новинари кои пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, и на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи.
Во поддршка на работата во жирито активно се вклучија студентите од Факултетот за психологија при МИТ Универзитет. Тие добија прилика директно да бидат вклучени во работа со лица кои имаат искуство со живот во сиромаштија.
Доделувањето на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“ се случува за прв пат во Македонија. Наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам.
