Предавање на тема: Форензичка ентомологија: проучување на инсектите во функција на криминалистичко-форензичките истраги на смртните случаи

На 05.12.2016 година (понеделник) во 11:00 часот во Амфитеатарот 1 на МИТ Универзитет, објект Аеродром, во организација на Факултетот за безбедносни науки, се одржа предавање на тема "Форензичка ентомологија: проучување на инсектите во функција на криминалистичко-форензичките истраги на смртните случаи".

Предавач беше Дафина Клековска, дипломиран инженер по биологија и магистрант по форензички науки на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" - Скопје.

Во текот на предавањето, студентите имаа можност да се запознаат со форензичката ентомологија, како гранка на форензиката, која проучувањата на морфологијата, систематика и биологијата на инсектите и нивните развојни циклуси ги става во функција на криминалистичко-форензичките истраги на криминалните случаи. Практичната примена на оваа научна дисциплина е во откривањето и докажувањето на кривично-правните настани поврзани со смрт. Особен акцент беше ставен на post-mortem интервалот, т.е. времето поминато од настапувањето на смртта, одредено со помош на показателите добиени од инсектите.

Предавањето побуди огромен интерес кај студентите, кои на крајот поставија бројни прашања и се разви плодна дискусија за форензичката ентомологија и нејзиниот развој во светот и во Република Македонија.

За одлично реализираното предавање, на предавачот Дафина Клековска и беше доделена Благодарница од страна на Деканот на Факултетот за безбедносни науки.

Студенти

0

Предмети

0

Вработени

0

Локации

0